На Економскиот факултет во Скопје се одржа првиот заеднички стручен симпозиум на Институтот
на сметководители и овластени сметководители (ИСОС) и Здружението на внатрешни ревизори
на РС Македонија, на кој и ние учествувавме како дел од професионалната сметководствена и
ревизорска заедница. Настанот собра над 500 учесници, ставајќи силен фокус на актуелните
професионални и етички предизвици со кои се соочуваат сметководителите и внатрешните
ревизори во современата економска и технолошка средина
Претседателката на ИСОС, Весна Прентоска, ја истакна етиката како темел на довербата и
квалитетот во професијата, нагласувајќи на современите притисоци што можат да водат кон
мали, но опасни компромиси.
Симпозиумот опфати три целини:
• Првата „Цената на етичката тишина. Кога етиката не се вклопува во билансот?“ отворен со
предавање на проф. д-р Борис Тушек од Факултетот за економија и бизнис при Универзитетот во
Загреб;
• панел-дискусија насловена „Малите лаги на големите бројки — етички предизвици зад
точноста“ со учество на водечки професионалци: Магдалена Христова – регионален финансиски
директор на НЕЛТ, Горан Станчевски – менаџер на сметководствено биро Галоп ДВ, Данило
Јовановиќ – директор на внатрешна ревизија во Алкалоид АД Скопје, Драган Давитков – партнер
во PwC, Оливера Ѓуровска – финансиски директор на Жито Лукс АД Скопје;
• сесија посветена на улогата и значењето на вештачката интелигенција во современото
сметководство и ревизија, презентирано од страна на Горазд Смилевски од Бизнис Академија
Смилевски.
Нашето учество на овој симпозиум претставува важен чекор кон следење на најновите трендови,
зацврстување на професионалниот интегритет и активно вмрежување со колеги од
сметководствената и ревизорската практика. Веруваме дека ова е само почеток на серија
иницијативи кои ќе продолжат да ја унапредуваат компетентноста, одговорноста и
професионалната култура во нашата заедница.
Целата содржина за овој настан : ИСОС – Професионалноста и етиката во фокусот на првиот стручен симпозиум на ИСОС и Здружението на внатрешни ревизори